Kasım İleri
08 Септември 2016•Ажурирај: 09 Септември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Турската копнена операција во Сирија за поддршка на Слободната сириска армија е во „национален безбедносен интерес“ на Анкара, се вели од Стејт департментот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Акциите што ги спроведуваме против ДАЕШ во Сирија, веруваме дека се во национален безбедносен интерес на САД и на нашите сојузници и партнери. Мислам дека е ист случајот и со Турција. Како што можам да претпоставам, исто така е во нивен национален безбедносен интерес да се заштитат и да го избркаат ДАЕШ од нивната граница“, изјави портпаролот на агенцијата, Марк Тонер.
Изјавите доаѓаат поради жалбите на Москва во врска со проширувањето на турската операција „Штитот на Еуфрат“ долж турската граница во Сирија.
Министерот за надворешни работи на Русија ја изрази својата загриженост во врска со мисијата, истакнувајќи дека не е санкционирана од страна на Советот за безбедност на ОН, ниту е поддржана од страна на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Турција како и САД, одамна вели дека владата во Дамаск ја изгубила својата легитимност со убивање на повеќе од 400.000 лица и раселување на речиси 10 милиони други, според бројката издадена од ОН.
Русија ја изрази својата загриженост неколку месеци по подобрувањето на односите меѓу Москва и Анкара, кои беа нарушени откако Турција го собори рускиот воен авион што навлезе во турскиот воздушен простор долж границата со Сирија, кон крајот на минатата година.
Турските вооружени сили на 24 август ја започнаа операцијата „Штитот на Еуфрат“ во знак на поддршка на борците на Слободната сириска армија (ФСА), за да го избркаат ДАЕШ од територијата долга 98 километри којашто се наоѓа долж јужната турска граница.
За помалку од две недели, ССА беше поддржана од страна на турските тенкови, од воздух и со артилерија, со цел да ги расчистат елементите на ДАЕШ од Џарабулус до Кобанбеј и Азаз, формирајќи безбедносен појас што се протега 3-5 километри внатре, во сириската територија.
Според турските воени извори, борците на ССА ја ослободиле областа од ПДЈ, ПКК и ДАЕШ, која опфаќа речиси 600 квадратни километри.
Тонер потврди дека државниот секретар Џон Кери разговарал преку телефон со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, но не сакаше да потврди дали двајцата дипломати ќе се состанат кон крајот на оваа недела во Женева за да разговараат за потенцијалниот прекин на огнот во Сирија.
„Секретарот останува посветен на своите постојани напори, во обид да ги реши останатите отворени прашања со цел да се постигне договор со Сирија, со кој ќе се постигне прекин на огнот и прекин на непријателствата; да обезбеди хуманитарна помош до сите области и да доведе до продолжување на разговорите меѓу договорните страни во Женева“, изјави тој.