Michael Sercan Daventry
08 Септември 2016•Ажурирај: 09 Септември 2016
ЛОНДОН (АА) - Операциите во Мосул и Рака се од витално значење доколку сакаме Ирак и Сирија да бидат исчистени од ДАЕШ, истакна вчера турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот во Лондон со Високиот комитет за преговори, кој го сочинуваат претставници на сириските опозициски групи, Чавушоглу за турските медиуми изјави дека се изнесени планови за политичка транзиција во Сирија.
„Она што е важно е дека овие планови може да се спроведат“, рече тој, додавајќи дека тие бараат поддршка од сите страни во сирискиот конфликт.
Чавушоглу изјави дека е јасно оти не е можно опозициските групи да го поддржат понатамошното раководење на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
„Да се прифати Асад значи продолжување на конфликтот и нередите. Тоа е причината зошто не можеме да останеме заглавени поради едно лице и затоа мораме да дискутираме за иднината на Сирија. Визијата исцртана од страна на опозицијата го покрива ова во целост“, рече тој.
„Мислам дека тоа е реално, но земјите што го поддржуваат Асад мораат да го согледаат ова исто така“.
Како одговор на тврдењата дека Турција планира заедничка операција со САД, против ДАЕШ во Рака, самопрогласениот главен град на групата, Чавушоглу рече дека е важно ослободувањето на тој сириски град.
„Ако сакаме да ги исчистиме Сирија и Ирак од ДАЕШ, важно е да преземеме операции и во Мосул и во Рака. Отсекогаш кажувавме дека доколку ние не ги поддржуваме локалните сили на теренот, ако нема никакви копнени операции, нема да биде можно елиминирањето, дури ниту запирањето на ДАЕШ само со преземање акции од воздух“, рече тој.
Но, министерот за надворешни работи изјави дека не може копнените операции да бидат потпомогнати само од Турција, туку каква било операција против Рака мора претходно да е испланирана со големо внимание.
„Не само ние, туку и другите земји мора да тренираат и да ги опремат локалните сили, кои треба да придонесат и да даваат насока“, рече Чавушоглу.
Тој го пофали британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, за неговата улога во организирањето на состанокот на сирискиот Висок преговарачки комитет.