Davit Kachkachishvili
31 Октомври 2022•Ажурирај: 01 Ноември 2022
КИЕВ - Руските сили извеле ракетни напади на неколку градови во Украина, вклучувајќи го и главниот град Киев, известува Агенција Анадолија (АА).
Советникот на Министерството за внатрешни работи на Украина Антон Герашченко, на социјалната мрежа Твитер објави дека руските сили извршиле напад на Украина со крстосувачки ракети.
„Утрово кон Украина беа лансирани 40 руски крстосувачки ракети“, објави Герашченко.
Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко на социјалната мрежа Телеграм напиша дека се нападнати клучни инфраструктурни објекти, поради што дошло до прекин на напојувањето со електрична енергија во дел од градот. Според градоначалникот Клично, надлежните екипи се наоѓаат на терен.
Руските ракетните напади предизвикаа оштетувања на инфраструктурните објекти и во други градови на Украина, особено во енергетскиот сектор.
Локалните медиуми објавија дека експлозии се слушнале и во градовите Запорожје, Кировоград, Харков и Одеса.
Украинските официјални лица информираа дека се вклучени системите за воздушна одбрана.