свет

Руските сенатори ги критикуваат санкциите на САД кон Турција

„Не постои вистинска закана за Турција од овие санкции, тие нема да причинат ниту една штета на земјата. Целта на овие санкции е само да се смири јавното мнение во САД и ништо повеќе“

Elena Teslova  | 15.10.2019 - Обновена : 15.10.2019
Руските сенатори ги критикуваат санкциите на САД кон Турција

МОСКВА (АА) - Рускиот сенатор Владимир Џабаров изјави дека американските санкции нема да ѝ наштетат на Турција, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Рестриктивните мерки на САД се со цел да се смири јавното мнение“, изјави Џабаров во интервју за руската државна новинска агенција РИА.

„Не постои вистинска закана за Турција од овие санкции, тие нема да причинат ниту една штета на земјата. Целта на овие санкции е само да се смири јавното мнение во САД и ништо повеќе“, додаде тој.

Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави (САД) соопшти дека се воведени санкции врз две турски министерства и тројца високи државни претставници во врска со антитерористичката операција на Турција во североисточна Сирија

„Санкциите на САД му служат на американскиот претседател Доналд Трамп како средство за решавање на сопствените проблеми“, рече во посебна изјава Константин Косачев, шефот на Меѓународниот комитет на Советот на Федерацијата.

„Наметнување санкции од страна на американското Министерство за финансии што претходно го објави Трамп против тројца турски министри и две министерства, според мое мислење, конечно го потврди она што веќе многумина во светот го претпоставија: санкциите се средство за домашната, а не за надворешната политика на САД. Тие не ги постигнуваат номинално наведените цели, но на еден или друг начин ги решаваат сопствените проблеми на Трамп со неговите политички противници“, напиша Косачев на својот профил на Фејсбук.

Анкара сака да ја исчисти северна Сирија, односно подрачјето источно од реката Еуфрат, од терористите на ПКК и нејзиниот сириски огранок ПЈД/ЈПГ.

Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.