Mahmoud Barakat
22 Јули 2019•Ажурирај: 22 Јули 2019
ИДЛИБ (АА) - Во воздушен напад на руските авиони на пазар во зоната на деескалација на судирите во Идлиб, Сирија, загинаа 17 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Авионите на режимските и руските сили извршија напади на Маратинуман, Бидаму, Кенбине и Тел Менис.
Директорот на Цивилната заштита (Бели шлемови), Мустафа Хај Јусуф, за АА изјави дека во воздушниот напад извршен во утринските часови на пазар во Маратинуман загинале 17 цивили, меѓу кои и припадник на Цивилната заштита. Десетици цивили се ранети.
Припадниците на Цивилната заштита се на терен и водат акции за спасување.
Во нападите извршени во последните 24 часа врз населбите во зоната на Идлиб загинаа 34 цивили.
Опозицискиот опсерваториум за воздушен простор наведува дека нападите на Маратинуман ги извршиле руските авиони.
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека во нападите, кои силите на режимот на сирискиот претседател, Башар ал Асад, и сојузниците ги извршија во зоната на деескалација на судирите од 26 април до 12 јули, загинале 606 цивили, од кои 157 малолетници и 111 жени.