Dmitri Chirciu
31 Јули 2022•Ажурирај: 01 Август 2022
МОСКВА (АА) - Претседателот на Русија, Владимир Путин, потпиша нова доктрина во која се одредени основните елементи на поморската политика на руската морнарица, известува Агенција Анадолија (АА).
Во рускиот град Санкт Петербург одржана е парада по повод денот на руската морнарица.
Парадата е организирана со учество на повеќе од 40 бродови и подморници, 42 борбени авиони и над 3.500 војници. На церемонијата, покрај претседателот Путин, присуствуваа и министерот за одбрана Сергеј Шојгу, командантот на руската морнарица Николај Евменов и голем број официјални лица.
Путин во своето обраќање рече дека се одредени границите на националните интереси и подрачја на Русија.
„Особено тука спаѓаат водите на Арктик, Црното Море, Охотското Море, Беринговото Море“, рече Путин.
Тој додаде дека хиперсоничниот ракетен систем „Циркон“ во наредните месеци ќе им биде достапен на Вооружените сили на Русија, а ќе продолжи и изградбата на бродови.
Во доктрината се наведени поморските активности на подрачјата во близина на Свалбард, Земјата на Франц Јосиф, архипелагот Нова Земја и Врангеловиот Остров.
Во доктрината се наведува дека нема доволно бази кои овозможуваат работа на руските бродови ангажирани на оддалечени подрачја надвор од Русија, а речено е и дека американската политика на воспоставување доминација во океаните и јакнењето на инфраструктурата на НАТО кон границите на Русија претставува закана за Русија.
Со доктрината се предвидува и формирање логистички центри на руската морнарица во азиско-пацифичките земји. Се додава дека ќе биде зајакната способноста на руската морнарица со цел да се воспостави безбедност на земјата и да се заштитат интересите во океаните.