Abdula Berisha
04 Октомври 2021•Ажурирај: 04 Октомври 2021
СКОПЈЕ
Русија ѝ возврати на Северна Македонија со протерување дипломат од Москва, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Министерството за надворешни работи на Русија преку соопштение објави дека в.д. амбасадорката на Северна Македонија во Руската Федерација, Оливера Чаушевска-Димовска, денеска била повикана во Министерството за надворешни работи на Русија, каде ѝ била врачена нота на Министерството, со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за „непожелна личност“.
„Мерката е одговор на сосема неоснованата одлука за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за ‘непожелна личност‘, донесена од страна на Северна Македонија во август оваа година“, стои во соопштението на руското МНР.
Потсетуваме, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на 17 август потврди дека Северна Македонија протерала руски дипломат од земјата.
„Министерството за надворешни работи секогаш кога ќе добие потврдени и документирани информации за однесување на акредитирани странски дипломати коешто е спротивно на принципите на Виенската конвенција, презема мерки за заштита на својата национална безбедност, меѓутоа и безбедноста на сојузниците во сојузот во којшто припаѓаме. Така што информацијата е точна“, изјави тогаш Османи.
Тоа беше втор случај годинава руски дипломат да биде протеран од Северна Македонија.
На 18 мај оваа година, Северна Македонија прогласи руски дипломат за непожелна личност во земјата, согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи.
Тогаш, Русија возврати и на 10 јуни оваа година соопшти дека дипломат вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва е прогласен за непожелна личност.