Gökhan Kurtaran
04 Октомври 2021•Ажурирај: 05 Октомври 2021
ЛОНДОН
Во Велика Британија, Здружението на нафтени трговци (PRA) соопшти дека проблемите со снабдувањето со гориво на бензинските пумпи продолжуваат на југоистокот од земјата и во главниот град Лондон, но дека речиси се завршени во остатокот од земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од ПРА се наведува дека повеќе од една петтина од бензинските пумпи на југоистокот на земјата и во Лондон сѐ уште немаат гориво. Кризата со гориво во Шкотска, Велс и внатрешните региони е речиси завршена.
Се нагласува дека во Лондон и во југоисточниот регион, кој има најгусто население во Велика Британија, 22 проценти од бензинските пумпи немаат гориво од 3 октомври, а тоа е намалено на 6 проценти во Шкотска, Велс и внатрешните региони.
„Горивото сѐ уште не стигнува до пумпите каде што е најпотребно во Лондон и на југоисток“, рече Брајан Мадерсон, претседател на Здружението на нафтени трговци, кое претставува 5.500 од 8.000 бензински пумпи во земјата.
Мадерсон истакна дека е разочаран што не може да се најде решение со сите засегнати страни за проблемот со снабдувањето со гориво, особено на југот на земјата.
Британскиот премиер Борис Џонсон викендов истакна дека со месеци ја знае ситуацијата во транспортниот сектор во земјата и дека проблемите со синџирот на снабдување може да продолжат до Божиќ.
- Персоналот на Вооружените сили почна да носи гориво до бензинските пумпи
Во Велика Британија од денеска персоналот на Вооружените сили почна да носи гориво до бензинските пумпи.
„Околу 200 војници, вклучувајќи 100 возачи, даваат „привремена“ поддршка за да го намалат притисокот врз пумпите“, се наведува во соопштението на британската Влада.
Поради недостаток на возачи на тешки возила по Брегзит и епидемијата, во последните недели има проблеми во испораката на гориво до бензинските пумпи во земјата.
Се формираат долги редици пред пумпите, додека полиците за сува храна, месо, свеж зеленчук, овошје и тестенини остануваат празни во маркетите.