Elena Teslova
27 Април 2022•Ажурирај: 28 Април 2022
МОСКВА (АА) - Русија денеска уништи големо количество странско оружје кое пристигна во регионот Запорожје, на југоистокот на Украина, тврди руското Министерство за одбрана, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Високопрецизни ракети со долг опсег „Калибар“ уништија хангари со големо количество странско оружје и муниција, кое американските и европските земји го испорачаа за украинските војници на територијата на фабриката за алуминиум“, рече на редовниот брифинг за новинари портпаролот на Министерството, Игор Конашенков.
Тој додаде дека руските авиони погодиле 59 објекти на украинската воена инфраструктура, четири складишта за оружје и муниција и систем за противвоздушна одбрана „Бук-M1“.
„Во нападите се неутрализирани повеќе од 120 националисти, а уништени се 35 оклопни возила и автомобили“, рече тој.
„Системите на противвоздушната одбрана исто така соборија 18 беспилотни летала и проектил „Точка-У““, додаде Конашенков.
„Вкупно од почетокот на специјалната воена операција уништени се 141 авион, 110 хеликоптери, 607 беспилотни летала, 273 системи за противвоздушна одбрана, 2.596 тенка и други оклопни борбени возила, 296 повеќецевни ракетни фрлачи, 1.134 топа на полската артилерија и минофрлачи и 2.413 специјални воени возила“, рече Конашенков.
Канцеларијата на ОН за човекови права објави дека најмалку 2.729 цивили се убиени и 3.111 се ранети откако Русија ја започна војната против Украина на 24 февруари, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.