Elena Teslova
21 Мај 2021•Ажурирај: 22 Мај 2021
МОСКВА (АА) - Русија денеска го поздрави примирјето прогласено меѓу Израел и Хамас по 11-дневните израелски воздушни напади врз блокираниот Појас Газа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на прес-конференција во Москва, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека Москва со големо задоволство го поздравува прекинот на огнот кој стапи во сила на 21 мај во 2 часот по полноќ, како што беше договорено.
Таа истакна дека следниот чекор треба да биде продолжување на директните палестинско-израелски преговори за постигнување одржлив мир и избегнување на понатамошна ескалација во иднина.
„Русија е подготвена да биде домаќин на директни преговори меѓу двете страни“, рече таа, додавајќи дека Палестина ја изразила својата подготвеност да седне на преговарачката маса, додека Израел сè уште не дал своја согласност.
Во нападите кои Израел ги спроведуваше врз Газа од 10 мај загинаа вкупно 232 Палестинци, од кои 65 деца и 39 жени.