ВАШИНГТОН
Американската новинска агенција „Асошиејтед прес“ (AP) ја отпушти новинарката Емили Вајлдер, која го критикуваше израелското постапување кон Палестинците во Шејх Џерах, како и начинот на кој медиумите ги третираат тие настани, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во електронската пошта која е пратена на вработените на АП, а која некои од нив ја споделија на социјалните мрежи, е наведено дека Вајлдер повеќе на работи за оваа медиумска куќа.
Подоцна Вајлдер заднината на овој инцидент ја раскажа на колегите од „Вашингтон пост“, истакнувајќи дека договорот со АП е раскинат со образложение дека ги прекршила принципите на користење на социјалните мрежи, но дека не ѝ било прикажано кои принципи ги прекршила.
Напоменувајќи дека е Еврејка и дека никогаш не го криела својот идентитет и личност на активистка, Вајлдер изјави дека за време на студентските години на Универзитетот „Стенфорд“ активно учествувала во клубовите како што се „Студенти за правда за Палестина“ и „Гласот на Евреите за мир“, односно дека секогаш ја критикувала израелската практика кон Палестинците.
Истакнувајќи дека во АП започнала да работи на 3 мај, Вајлдер наведе дека нејзините објави на Твитер во кои ја критикува израелската практика кон Палестинците, особено во округот Шејх Џерах и начинот на кој медиумите се занимавале со тој процес, од страна на одредени кругови се претвориле во кампања против неа.
„Да кажеш „Израел“, но никогаш да не кажеш „Палестина“, да кажеш „војна“, а никогаш „опсада“ или „окупација“ е политички избор, но медиумите секогаш користат такви јасни преференции без предупредување дека се ’еднострани‘“, е една од објавите на Твитер која Вајлдер ја напиша.
Таа наведе дека некои републикански конзервативни кругови на „Стенфорд“ извршиле притисок врз АП актуализирајќи ги нејзините стари објави на социјалните мрежи, при што оваа кампања растела, и како што таа изјави, АП не можел да одолее на тие притисоци.
„Сѐ е тоа резултат на кампањата против мене. Според мое мислење, АП подлегна на тие смешни барања и евтини закани“, порача Вајлдер, нагласувајќи дека е среќна поради пораките на поддршка кои ѝ се упатени откако добила отказ.
За време на израелските напади врз Газа е уништена зградата во која се наоѓале канцелариите на „Асошиејтед прес“ и „Ал Џезира“. АП го осуди нападот, а многу меѓународни институции, особено Белата куќа, изјавија дека акциите „насочени на спречување на работата на медиумските организации“, не можат да бидат прифатени.
- Произраелските ставови на „Би-би-си“ предизвикаа реакции
Она што исто така наиде на многу остри реакции на социјалните мрежи, а во контекст на последните напади на Газа е пристрасноста на британската државна телевизија „Би-би-си“ (BBC) кон Израел, во чии напади се убиени десетици деца.
„„Би-би-си“ во своите текстови за убиените деца во израелските напади врз Газа го користеше терминот „мртви“, па во вестите можеше да се прочита: „Во Газа се мртви 212 лица, меѓу кои 61 дете. Во Израел се убиени 12 лица, едно дете“.
„Би-би-си“, чие известување беше пристрасно од почетокот на нападите, не одговори на прашањето на новинарот на АА за тоа зошто се претпочитал таков јазик.
Ваквото известување на „Би-би-си“ наиде исто така и на реакции на социјалните мрежи, па во тој контекст можеа да се прочитаат коментари со осуди.
„Срамотно. „Би-би-си“ уште еднаш известува дека Палестинците се „мртви“, а Израелците убиени. Ова е срамота и неприфатливо“, напиша корисник на Твитер, Вакас Туфаил.
Лице по име Сајмон на Твитер напиша: „Државна пропаганда која го поддржува режимот на апартхејдот. Тоа е така едноставно. Срамотно.“
- Дојче Веле го ограничи критичкото известување за Израел
„Дојче Веле“ (DW), германската меѓународна медиумска куќа, го ограничи критичкото известување за Израел, повикувајќи се на посебната одговорност на Германија кон еврејската држава поради геноцидот.
Уредништвото на ДВ во новиот брифинг упатен кон својот персонал по актуелните случувања во тој регион, им забрани на своите новинари и уредници да го опишуваат Израел како режим на апартхејд (расистичка политика) и да известуваат за злосторствата врз Палестинците.
Во документот на две страници кој излезе и е споделен на социјалните медиуми се наведува дека наследството на геноцидот и посебната одговорност на Германија кон Израел и понатаму претставуваат важни основи на Уставот и надворешната политика на Германија.
„Како ДВ, никогаш не го доведуваме во прашање правото на Израел на постоење како држава, а не им дозволуваме ни на лицата во нашите вести тоа да го прават“, се наведува во документот.