Elena Teslova
22 Септември 2016•Ажурирај: 23 Септември 2016
МОСКВА (АА) – Заменикот на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков изјави дека предлогот на американскиот државен секретар, Џон Кери, за ограничување на летовите над критичните региони во Сирија не би донел никакви резултати, јавува Anadolu Agency (AA).
На тематската седница на Советот на безбедност на ОН, шефот на американската дипломатија, Џон Кери, остро ги критикуваше силите на сирискиот режим и Русија поради нападите на хуманитарните конвои и цивили во Сирија, а во таа пригода рече дека во Сирија е неопходно да се ограничат летовите над критичните региони во таа земја, вклучувајќи го и Алепо.
Заменик-шефот на руската дипломатија Рјабков денес изјави дека тој предлог не би донел конкретни резултати, но и дека за тоа секако ќе се дискутира на денешните седници на Генералното собрание на ОН и на состанокот на Меѓународната група за поддршка на Сирија.
Нагласувајќи дека политичкото решавање на сириската криза е приоритетно за Русија, Рјабков изјави дека соработката на Москва и Вашингтон ќе придонесе за тој процес.
„По нападот на конвоите за хуманитарна помош и сириската војска, намалени се шансите за договор меѓу САД и Русија. Меѓутоа, за тоа нема алтернатива бидејќи Русија не сака да се повлече од процесот на преговори“, порача заменик-шефот на руската дипломатија, Рјабков.
Рјабков во оваа пригода ги негираше наводите дека руските сили извршиле напад на хуманитарците во Сирија и додаде дека отежнувачка околност во борбата против тероризмот претставува тоа што САД и понатаму не прави разлики меѓу сириската опозиција и борците.