Hakan Ceyhan Aydoğan
11 Април 2017•Ажурирај: 11 Април 2017
МОСКВА (АА) - Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека билатералните односи меѓу Русија и САД минуваат низ најтешкиот период по завршувањето на Студената војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението објавено на официјалната интернет-страница на руското министерство се наведува дека претстојната посета на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон е исклучително важна од аспект на идните односи меѓу двете земји, но исто така и за општата атмосфера на глобалнен план.
„Ние сме отворени за дијалог со САД за сите прашања. Сепак, Русија нема да отстапува од своите национални интереси и е подготвена да прифати соработка врз основа на рамноправност и заемна почит“, се вели во соопштението.
Во понатамошниот текст, од руското министерство се наведува дека официјална Москва за време на посетата на Тилерсон ќе се обиде да ги разбере ставовите и позицијата на САД за прашања како што сe нормализацијата на билатералните односи и ситуацијата во Сирија, Украина, Либија, Авганистан и во Северна Кореја.
„Ние сме подготвени на секаква соработка во насока на намалување на тензиите на глобално ниво. Посветени сме на тоа да се воспостави конструктивна соработка наместо поларизација на силите. Се надеваме дека истото го сакаат и САД“, е пораката на руското Министерство за надворешни работи.