Ali Cura
15 Септември 2021•Ажурирај: 16 Септември 2021
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна дека тие одржуваат контакти со талибанската администрација во Авганистан со цел да се елиминираат ризиците за Русија што можат да дојдат од земјите во Централна Азија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Лавров даде изјава за руските медиуми по состанокот на министрите за надворешни работи и одбрана од Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), што се одржува во Душанбе, главниот град на Таџикистан.
Потсетувајќи дека талибанската администрација во Авганистан засега не е признаена од ниту една земја, Лавров рече: „Како прво, сите велат дека е неопходно да се контактираат талибанците во врска со тековните проблеми, особено безбедноста, правата на граѓаните и нормалниот работен ред на дипломатските мисии. Но, засега никој не се брза да ги признае талибанците.“
Лавров, истакнувајќи дека не поставиле никакви услови за талибанците, рече дека самите талибанци ги објавиле своите цели за борба против тероризмот и трговијата со дрога.
Министерот Лавров исто така потсети дека талибанците немаат намера да ги дестабилизираат соседните земји и дека даваат доверба дека ќе формираат инклузивна влада.
Истакнувајќи дека сè уште е рано да се направи проценка за талибанската администрација, Лавров рече: „Во моментов, Русија ги продолжува контактите со талибанците со цел да ги елиминира ризиците што можат да дојдат од нејзините соседи во Централна Азија.“
Објаснувајќи дека односот на Западот кон Русија се променил во последните години, Лавров рече дека НАТО одбил да води дијалог со Русија на воено поле.
„Подготвени сме да се сретнеме со НАТО професионално, а не емотивно и полухистерично“, додаде Лавров.
Осврнувајќи се на проектот за гасоводот „Северен тек-2“, Лавров изјави дека проектот е завршен, процесот за добивање дозволи во Германија сега е во тек, а дека процесот ќе биде целосно завршен по 4 месеци.