Aysu Biçer
22 Април 2022•Ажурирај: 24 Април 2022
МОСКВА – Руската царинска служба одлучи привремено да го прекине објавувањето на податоците за увозот и извозот со цел да се избегнат грешки и „шпекулации“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ја поддржувам оваа одлука со цел да се избегнат лажни предвидувања [и] шпекулации. Оваа одлука е привремена мерка“, изјави за новинарите во Москва директорот на царинската служба, Владимир Булавин.
Најновата статистика за увозот и извозот на Русија беше објавена во март за месец јануари.
Според Централната банка на Русија, извозот се очекува да се намали за 12% на 484 милијарди долари оваа година, додека увозот се очекува да се намали за 30% на 266 милијарди долари.
Вообичаено, царината ги објавува податоците за увоз и извоз во првите десет дена од секој месец.
Во март Русија воведе забрана за извоз на над 200 производи, вклучително и производи од телекомуникациите, медицината, возила, земјоделска и електрична опрема, до крајот на 2022 година како одговор на санкциите наметнати од Западот.
На почетокот на април руското Министерство за енергетика го прекина објавувањето на податоците за месечното производство на нафта и извоз, а Централната банка престана да објавува статистики за надворешната трговија и надворешниот долг.