Mücahit Oktay
23 Август 2024•Ажурирај: 25 Август 2024
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Дмитриј Полјански, заменик на постојаниот претставник на Руската Федерација во Обединетите нации (ОН), изјави дека Русија ќе предложи нова резолуција за прекинот на огнот во Појасот Газа до Советот за безбедност на ОН бидејќи документот предложен од САД и одобрен од Советот не е спроведен, известува Анадолу.
Говорејќи на седницата на Советот за безбедност на ОН за Блискиот Исток, Полјански ги критикуваше САД дека се обидуваат да спроведат поинаков план за прекин на огнот во Газа од првичната одлука изгласана во Советот.
„Израел сега инсистира на воено присуство во Газа, вклучително и негова контрола над преминот со Египет и коридорот Филаделфија. Даваме забелешка дека таквата промена на параметрите на договорот е нешто на што некои земји во регионот силно се противат“, рече Полјански.
„Во име на кого дејствувате вршејќи притисок за договор кој се разликува од оригиналот?“, праша рускиот дипломат, изразувајќи го своето разочарување поради недостигот на напредок во спроведувањето на прекинот на огнот во Советот, како што тоа беше договорено во јуни.
„Советот за безбедност во никој случај не одобри вака формулиран договор“, рече Полјански.
Во својот говор Дмитриј Полјански ги обвини своите колеги од САД дека ги менуваат параметрите на договорениот предлог за прекин на огнот во корист на Израел и додаде:
„Американската страна не се ни потруди да објасни што се тие промени“.
Обвинувајќи го Израел за блокирање на хуманитарната помош во Појасот Газа, Полјански нагласи дека тековните операции на израелската Армија предизвикале „невидено и без преседан“ ниво на цивилна смрт и уништување и истакна дека тоа претставува „целосно беззаконие“.
Во своето обраќање Полјански истакна: „Реалноста е дека Вашингтон во основа го држи целиот Совет како заложник веќе 10 месеци, заканувајќи се дека ќе го искористи правото на вето и на тој начин нѐ спречува да донесеме тешки и јасни одлуки за палестинското прашање и прекинот на огнот во Газа или да го унапредиме мировниот процес во Блискиот Исток како целина“.
„Доколку Резолуцијата 2735 не се имплементира, тогаш ќе испратиме порака до оние што ја прекршуваат дека дефинитивно ќе се соочат со последиците од нивните постапки и ќе издадеме нов документ кој ќе помогне да се запре насилството без оглед на каприците на која било од страните во конфликтот“, порача Полјански.