Betül Yürük
31 Март 2018•Ажурирај: 01 Април 2018
ЊУЈОРК (АА) - Помошникот на генералниот секретар на ОН, Тај-Брук Зерихоун, предупреди дека ситуацијата во Газа би можела да се влоши во наредните денови, и го повика Израел да ги исполни своите одговорности во согласност со Меѓународното човеково и хуманитарно право, јавува Anadolu Agency (AA).
Советот за безбедност на ОН одржа итна седница за последните случувања во Газа, каде што израелските војници вчера усмртија 15 Палестинци.
Затворената седница е одржана на барање на Кувајт, непостојана членка на Советот за безбедност на ОН.
Обраќајќи се во Советот за безбедност на ОН, Зерихоун појасни дека голем број учесници на „Големиот марш за враќање“ се наоѓале далеку од границата и не биле вмешани во насилство. Како што изјави тој, некои демонстранти фрлале камења.
Зерихоун предупреди дека ситуацијата во Газа во наредните денови би можела да се влоши и дека е потребно цивилите и децата да не бидат мети.
Постојаниот претставник на Кувајт во ОН, Мансур ал-Отаиби, потсети дека илјадници Палестинци учествувале во мирни демонстрации, организирани по повод „Денот на земјата“.
Тој ги осуди нападите во кои животот го загубија повеќе од 15 Палестинци. И американскиот дипломат Валтер Милер изрази длабока тага поради смртта на луѓето во Газа.
Длабока вознемиреност изрази и помошникот на рускиот постојан претставник во ОН, Владимир Сафронков. Како што изјави тој, постои вистинска потреба да се забрза дипломатскиот напор за да се намалат тензиите.
И генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во соопштение изрази длабока загриженост за случувањата во Газа.
Повика на независна и транспарентна истрага за овие настани.
Бројот на Палестинците кои израелските војници ги усмртија во Појасот Газа вчера, на „Денот на земјата“, е зголемен на 15, потврди Ашраф ал-Кидра, портпаролот на Министерството за здравство во Газа.
Во нападите на демонстрантите во Газа и на Западниот Брег се повредени речиси 1.400 Палестинци. Поради смртта на Палестинците, во земјата е прогласен Ден на жалост.
Палестинците одржуваат масовни демонстрации под називот „Голем марш“ за враќање на границата на Појасот Газа и Израел на кои, на шест различни подрачја, се собраа десетици илјади лица.
По повод маршот, на различни погранични подрачја поставени се и шатори. Палестинската страна тврди дека се во прашање мирни демонстрации. Командантот на израелската војска, Гади Еисенкот, порача дека во случај на напад на израелската инфраструктура, на војниците ќе им даде дозвола за употреба на оружје.
Од 2007 година Појасот Газа се наоѓа под израелска и египетска блокада која ја уништи економијата, а на околу два милиона жители им се ускратени можностите за основни потреби.