Elena Teslova
24 Февруари 2021•Ажурирај: 25 Февруари 2021
МОСКВА
Русија ја повика администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да ги забрза напорите за иранскиот Договор за нуклеарна програма, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на Конференцијата за разоружување, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, нагласи дека договорот, официјално познат како Заеднички сеопфатен план за акција (JCPOA), ќе биде од клучно значење за да се обезбеди Блискиот Исток да биде без нуклеарно оружје.
Лавров повика на конструктивен пристап кон договорот, особено поради тоа што се приближува претстојната Конференција за преглед на Договорот за неширење на нуклеарното оружје.
„Ги повикуваме сите, пред сè, новата американска администрација, да ги засилат напорите во овие важни области за светската заедница“, рече Лавров на мултилатералниот Форум за преговарање за договорите за контрола на вооружувањето и разоружувањето.
Имплементацијата на Заедничкиот сеопфатен план за акција, потпишан во 2015 година, запре откако САД еднострано се повлекоа од него на 8 мај 2018 година и повторно воведоа санкции против Иран во областа на извозот на нафта.
Една година подоцна, иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека Техеран постепено ќе суспендира некои од своите обврски во Договорот за нуклеарната програма. На 5 јануари 2020 година, земјата објави дека нејзината нуклеарна програма повеќе не се соочува со никакви оперативни ограничувања.