Muhammet Kurşun
25 Февруари 2020•Ажурирај: 25 Февруари 2020
ТЕХЕРАН (АА) - Бројот на починати од коронавирусот во Иран се искачи на 16 лица, пренесува Агенцијата Анадолија (АА).
Повикувајќи се на изјавите на здравствените власти, иранските медиуми јавуваат дека две заразени лица починале во градот Савех и дека станува збор за две пациентки на возраст од 82 и 87 години.
Уште едно заразено лице почина во регијата Алборз, каде што коронавирусот е потврден кај уште двајца пациенти.
Билансот на починати лица од коронавирусот во Иран исто така се искачи на 16 лица. Со опасниот вирус во Иран се заразени над 60 лица.
Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека коронавирусот во Иран стигнал како неповикан гостин.
Тој на церемонијата за отворање на автопатот што го поврзува Техеран со северниот дел на земјата рече дека нема место за паника и страв, но дека луѓето треба да се придржуваат до упатствата што ги дава Министерството за здравство.
„Коронавирусот не е поопасен од инфлуенца Б вирусот кој го преживеавме, а ќе го преживееме и коронавирусот. Коронавирусот дојде како неповикан гостин и се прошири во многу земји“, рече Рохани.
Тој, исто така, истакна дека има сознанија дека на црниот пазар се продаваат хигиенски средства и маски кои се користат како превентивни средства, додавајќи дека никој не смее да ја злоупотреби кризата заради сопствен профит.