Ahmet Dursun
21 Април 2018•Ажурирај: 22 Април 2018
АНКАРА (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека зад валутната криза во неговата земја стојат САД, кои, според него, сакаат да предизвикаат економска криза во Иран, пренесува Anadolu Agency (AA).
Иранската новинска агенција ИРНА објави дека Рохани, во главниот град Техеран, се состанал со високи претставници на иранската Влада.
Рохани рече дека Иран го фиксирал курсот на доларот за да ги обезвредни плановите на САД.
„Оваа одлука беше соодветна за 80 милиони Иранци. Иако за некои тоа не беше добро, ние треба да размислуваме за мнозинството“, рече Рухани.
Осврнувајќи се на датумот кога американскиот претседател Доналд Трамп треба да донесе одлука за Договорот за нуклеарната програма, Рухани рече: „Тие мислеа дека можат да извршат притисок врз иранскиот пазар, па на 12 мај сакаа да направат чекор против иранскиот народ. Нашата одлука беше шлаканица за одлуката што планираа да ја донесат САД.“
Иранскиот претседател рече дека неговата земја е подготвена за можноста САД да се повлечат од Договорот за нуклеарната програма.
„Имаме стратегија за сето она што го очекуваат нашите непријатели, но исто и за она што не го очекуваат. Тоа брзо ќе го имплементираме“, рече Рухани.
Во јули 2015 година делегација од Иран и групата 5 + 1, односно петте постојани членки на Советот и Германија, го постигнаа споменатиот Договор.
Договорот во најголем дел од светот е примен со воодушевување, особено во Техеран. Тој се смета за „нова страница“ во меѓународните односи, но Израел сè уште гласно се залага против него.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека нема да го потврди иранскиот Договор за нуклеарната програма од 2015 година, повикувајќи на низа нови санкции против Владата во Техеран. Трамп вели дека Договорот треба да се ажурира, додека Иран се противи на тоа.