Esat Fırat
16 Април 2021•Ажурирај: 18 Април 2021
АЛ КУДС
И покрај бројните потешкотии и опструкции на Израел, илјадници Палестинци се упатија денеска кон Џамијата „Ал-Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) за да го извршат првиот џума намаз во овогодишниот Рамазан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Илјадници Палестинци кои живеат на окупираниот Западен Брег, од раните утрински часови ги поминуваа воените контролни пунктови меѓу Западниот Брег и Ал Кудс за во „Ал Акса“ да ја извршат редовната заедничка молитва на муслиманите во петок.
Израелските власти претходно донесоа одлука дека од Западниот Брег и Ал Кудс ќе можат да влезат само 10.000 Палестинци кои се вакцинирани против коронавирусот. Израелските војници, во согласност со упатствата, на контролните пунктови вршеа проверка на идентитетите и потврдата за вакцинација.
Израелската полиција, која ги блокира патиштата во близина на Стариот Град на источен Ал Кудс, не дозволи премин на ниту едно возило, освен на автобусите.
По долго патување и многу потешкотии, Палестинците го исполнија просторот во комплексот на Џамијата „Ал Акса“, а според податоците на Управата за вакафи во Ал Кудс, првиот џума намаз во овогодишниот Рамазан го клањаа околу 70.000 Палестинци.
Имамот на Џамијата „Ал-Акса“, Екрим Саид Сабри, во денешната хутба по повод Денот на палестинските затвореници, посебно се присети на палестинските затвореници кои се наоѓаат во израелските затвори.
Потсетувајќи на многу проблеми и потешкотии со кои палестинските затвореници се соочуваат во израелските затвори, имамот Сабри го повика Израел да го запре насилството и репресијата над Палестинците.
Тој порача дека „Ал Акса“ им припаѓа само на муслиманите и дека се неприфатливи израелските кршења и узурпирања на правата на Палестинците во комлексот на „Ал Акса“.
За муслиманите, „Ал Акса“ претставува третото најважно светилиште, а од друга страна, Евреите сметаат дека на тоа место некогаш постоеле два еврејски храма.
Комплексот „Ал Акса“, кој се простира на 15 проценти од површината на старото јадро на Кудс, се наоѓа под израелска окупација, и претставува точка на спојување на трите најголеми религии во светот.
По „Месџид-л Харем“ во Мека и Џамијата на Пратеникот [Мухамед] во Медина, „Ал Акса“ е третото најважно свето место за муслиманите.