Dmitri Chirciu
02 Јули 2020•Ажурирај: 02 Јули 2020
МОСКВА
Централната изборна комисија на Русија соопшти дека 77,92 отсто од гласачите на вчерашниот референдум гласале за спроведување на уставни реформи кои ќе овозможат рускиот претседател Владимир Путин на таа функција да остане до 2036 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се наведува дека Комисијата ги пребројувала сите гласачки ливчиња и дека според непотврдените резултати на референдумот е одобрено спроведување на реформите на Уставот на Руската Федерација. Против реформите се изјаснија 21,27 отсто од гласачите.
На референдумот гласаа 65 отсто од речиси 110,5 милиони регистрирани гласачи во Русија.
Референдумот во Русија е одржан во сенка на пандемијата на Ковид-19, во време кога таа земја дневно потврдува повеќе од 6.000 нови случаи на заразување со Ковид-19.
Со реформа на Уставот, на рускиот претседател Путин му се овозможува уште двапати да се кандидира на претседателските избори и власта така да остане до 2036 година.
Опозицијата тврди дека реформата не е правно втемелена и оправдана и дека нејзина цел е 67-годишниот Путин да остане доживотно на функцијата претседател.