Kasım İleri
17 Ноември 2022•Ажурирај: 18 Ноември 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Додека продолжува пребројувањето гласови по одржаните средномандатни избори за Конгресот во САД на 8 ноември, Републиканците дојдоа до бројката од 218 претставници и се изборија за мнозинство во Претставничкиот дом, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Продолжува пребројувањето на гласовите за конгресните средномандатни избори во САД, особено во најнаселените сојузни држави Калифорнија и Колорадо.
Според „Асошиејтед прес“ (AP), Републиканците, освојувајќи уште една област во Калифорнија, го зголемија својот број во Претставничкиот дом на 218, обезбедувајќи мнозинство.
Демократите, пак, досега освоија 210 места, но има 7 окрузи во Калифорнија и Колорадо чии резултати сѐ уште не се финализирани.
Во три од овие окрузи во предност се Републиканците, а во четири, Демократите.
Партијата што ќе добие 218 места во Претставничкиот дом го добива мнозинството, и покрај функцијата, претседателот на Домот ги презема и претседателствата на сите комисии.
Објавувајќи ја победата на Републиканците на својот профил на социјалната мрежа Твитер, Кевин Мекарти, кој се очекува да стане претседател на Претставничкиот дом, напиша: „Републиканците го презедоа Претставничкиот дом од Пелоси. Американскиот народ е подготвен да се движи во нова насока, а Републиканците се подготвени да го направат тоа во Претставничкиот дом.“
Американскиот претседател Џо Бајден му честиташе на Мекарти и рече дека е подготвен да работи со Републиканците.
„Како што реков и минатата недела, иднината е премногу драгоцена за да биде заробена од политички војни. Американскиот народ сака да работиме за него. Тој сака да се фокусираме на прашањата што се важни, а нему да му го подобриме животот“, рече Бајден.
- Републиканците се мнозинство во Претставничкиот дом, Демократите во Сенатот
Мнозинството во Претставничкиот дом помина на страната на Републиканците, додека во Сенатот, другото крило на американскиот Конгрес, мнозинството остана кај Демократите.
Според неофицијалните резултати, Демократите го загарантираа мнозинството во Сенатот, другото крило на Конгресот, откако Кетрин Кортез Насто, кандидатката на Демократите за сенатор од Невада, го победи нејзиниот републикански противкандидат Адам Лаксалт.
Со победата на Кортез Насто, Демократите освоија 50 места во Сенатот кој брои 100, додека Републиканците имаат 49 места.
Џорџија е единствената американска сојузна држава во која сѐ уште не е избран кандидат за сенатор на средномандатните избори, во која кандидати се Рафаел Варнок од Демократите и Хершел Вокер од Републиканците.
Според државните закони на Џорџија, во која кандидатите треба да го преминат прагот од најмалку 50 проценти за да победат на изборите, Варнок и Вокер повторно ќе се натпреваруваат во вториот круг закажан за 6 декември.
Демократот Варнок освои 49,4 отсто од гласовите на државните средномандатни избори што се одржаа на 8 ноември, додека неговиот републикански противкандидат беше избор на 48,5 отсто од гласачите.
Без оглед на исходот од вториот круг гласање што ќе се одржи на 6 декември во сојузната држава Џорџија, Демократите ќе имаат мнозинство бидејќи имаат 50 места во 100-члениот Сенат.
Тоа е така бидејќи гласот на потпретседателката Камала Харис може да ја расипе изедначеноста од 50-50 доколку во вториот круг Републиканците извојуваат победа во Џорџија и со тоа да обезбеди предност за Демократите во Сенатот.
Според американскиот закон, потпретседателот на Соединетите Американски Држави (САД) ја извршува функцијата претседател на Сенатот и може да го даде својот глас за да го смени изедначениот резултат на изборите.