Emre Aytekin
21 Март 2017•Ажурирај: 22 Март 2017
АНКАРА (АА) - Врховниот суд во Индија донесе правна одлука со која на реките Ганг и Јамуна, кои од страна на народот на Индија се сметаат за свети, им е доделен статус на „човек“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста објавена на „Би-би-си“, Врховниот суд на сојузната држава Утараканд, која се наоѓа во северниот дел од Индија, на реките Ганг и Јамуна им доделил статус на „човек“, чии права треба да ги заштитат државните службеници, во улога на „старател“.
Судот соопшти дека со новиот статус, против секој што ќе ја загади речната вода ќе бидат применети истите законски санкции како оние што се применуваат кога ќе му се наштети на некој човек.
Се истакнува дека двете реки се место „кое е длабоко врежано“ во индиското верување, и дека луѓето имаат колективна „духовна врска“ со нив. „Голема е важноста на овие реки за здравјето и благосостојбата на индиското население. Реките од древно време досега се извор кој ни дава физичка и духовна сила“, се вели во одлуката на Врховниот суд.
Реките Ганг и Јамуна во индиската култура се сметаат за свети. Голем дел од народот ги смета за божици. Поради фактот на сѐ поголемата урбанизација и индустријализација на големите населени места, постои закана од загадување на овие реки. Се очекува новиот статус да помогне во врска со населувањето околу реките и во спречувањето на нивното загадување.
Претходно, реката Вангануи на Нов Зеланд беше првата река што се здоби со законски права на човек.