Ahmet Karaahmet,Mehmet Burak Karacaoğlu
09 Јуни 2021•Ажурирај: 10 Јуни 2021
ИДЛИБ
Режимот на Асад изврши топовско гранатирање на бегалски камп сместен во подрачјето на зоната за деескалација во сириски Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Силите на режимот до раните утрински часови го гранатираа кампот „Ебрар“, сместен во подрачјето Таоум, источно од Идлиб, во кој се сместени присилно иселените цивили. Цел на нападот беа училиште и месџид.
Голема среќа е што во близината на училиштето и месџидот, што беа цел на нападот, не се наоѓаа шатори ниту монтажни објекти во кои живеат цивили.
- Последна ситуација во зоната на деескалација во Идлиб
На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за 4 зони на деескалација во Идлиб и соседните провинции (Латакија, Хама и Алепо), но режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз три од овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.
Русија и Турција постигнаа дополнителен договор во Сочи на 17 септември 2018 година.
По краткотрајниот прекин на огнот, во мај 2019 година силите на режимот започнаа копнени операции за освојување на целата територија. Во тие операции на режимот и неговите поддржувачи, освоени се значајни територии во околината на Идлиб, подрачја северно и источно од Хама, како и рурални области што се наоѓаат јужно и западно од Алепо.
Министерството за национална одбрана на Турција на 10 јануари објави дека Турција и Русија се согласиле за прекин на огнот, што ќе започне на 12 јануари 2020 година во 00:01 часот, но режимот на Асад и неговите сојузници ги продолжија своите напади во Идлиб, игнорирајќи го прекинот на огнот.
Потоа, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и рускиот претседател во Москва на 5 март 2020 година обезбедија нов договор. Последниот договор за прекин на огнот стапи на сила на 6 март 2020, во 00:01 часот.
Иако силите на режимот повремено го прекршуваат примирјето, тоа во голема мерка се одржува.
Во периодот од 2017 до 2020 година приближно 2 милиони луѓе беа принудени да мигрираат кон границата со Турција поради нападите на силите на режимот и на Русија.