Adham Kako
04 Април 2018•Ажурирај: 05 Април 2018
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад од почетокот на војната во таа земја извршиле 214 напади со хемиско оружје, а од масакрот во Кан Шејхун 11 напади, пренесува Anadolu Agency (AA).
Сириската мрежа го објави извештајот на годишнината од нападот со хемиско оружје врз Кан Шејхун во кој се наведува дека во последната година биле извршени 11 напади со хемиско оружје.
Истакнуваат дека режимските сили до денес, во Дамаск и на неговата периферија извршиле 99 напади со хемиско оружје, Идлиб 45, Хама 29, Алепо 27, во Хомс седум, во Дера четири и во Деир ез Зор три.
„Во 2015 година не е регистрирано дека Русија извршила напад со хемиско оружје. Меѓутоа, забележавме дека Русија поддржала одредени режимски напади со хемиско оружје. Оваа поддршка ја докажавме во примерите на Кан Шејхун на 4 април и Саракиб на 4 февруари“, се наведува во извештајот.
Се додава дека е потребен поостар став против користењето на хемиското оружје, како и дека не треба да се допушти нападите да поминат неказнето.
Упатен е и повик, на локалното население на подрачјата под контрола на опозицијата, да им бидат доделени доволен број маски пред можните напади.
Режимските сили на 21 август 2013 година извршија напад со хемиско оружје во Источна Гута, во кој загинаа повеќе од 1.400 цивили.
Заедничкиот истражен механизам (JIM) на ОН и Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) на 27 октомври 2017 година до Советот за безбедност на ОН упати извештај во кој е наведено дека режимот се смета за одговорен за нападот во Кан Шејхун извршен на 4 април 2017 година, во кој животот го загубија над 100 цивили.
Режимот на Асад на 19 март во Дума, подрачје во Источна Гута, изврши напад со хлорен гас.