Büşra Nur Çakmak
16 Декември 2021•Ажурирај: 17 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Режимот на Башар ал Асад во Сирија и опозициските групи „меѓусебно и истовремено“ ослободуваат притвореници, како дел од Процесот во Астана, се соопштува од турското Министерство за надворешни работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Неколку лица приведени од опозициските групи и режимот меѓусебно и истовремено беа ослободени на 16 декември 2021 година во областа Абу ал Зиндин во јужниот дел на Ал Баб, контролиран од опозицијата“, се вели во соопштението на Министерството.
Работната група за ослободување на притворени/киднапирани, предавање на телата и идентификација на исчезнати лица беше формирана како дел од Процесот во Астана со учество на Турција, Русија и Иран, како и на ОН.
„Работната група ќе продолжи со своите активности и во наредниот период“, се додава во соопштението.
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.
Мировниот процес во Астана за ставање крај на конфликтот е започнат во јануари 2017 година на иницијатива на Турција, Русија и Иран.
Состаноците на гарантите од Астана, исто така, придонесуваат за унапредување на дипломатскиот процес предводен од ОН во Женева.