Mehmet Alaca
16 Декември 2021•Ажурирај: 17 Декември 2021
АНКАРА
Данска ќе земе под наем 300 затворски ќелии во Косово за да ја ублажи пренатрупаноста во нејзините затвори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите на „Нејшнл њуз“ (The National News), осуденици од трети земји во Данска ќе бидат преместени во 300 изнајмени ќелии во Косово.
Министерот за правда на Данска, Ник Хаеккеруп, истакна дека одлуката е донесена поради можноста Данска да се соочи со потребата од 1.000 затворски ќелии до 2025 година.
Наведувајќи дека ќе направат повеќе ќелии во данските затвори на краток и долг рок, Хаеккеруп рече: „Се договоривме за потребата да работиме на изнајмување затворски простор во Косово за осуденици од трети земји.“
- Нема информации зошто е избрано Косово
Потегот, чија цел е да се направи простор во преполните затвори, доаѓа откако затворската популација во земјата се зголеми за речиси една петтина од 2015 година.
На почетокот на оваа година бројот на затвореници порасна на повеќе од 4.000, а капацитетот на затворите е пополнет 100 отсто.
Од друга страна, не се дадени информации зошто е избрано Косово.
Според „Ворлд призн бриф“ (World Prison Brief), во 2019 година во Косово околу 97 отсто од ќелиите биле исполнети.
Норвешка и Белгија изнајмија затворски ќелии во Холандија за да ја намалат пренатрупаноста.