İdris Okuducu
27 Септември 2017•Ажурирај: 28 Септември 2017
ЕРБИЛ (АА) - Курдската регионална управа во Ирак (IKBY) го одби барањето на Владата на Ирак за предавање на контролата над аеродромите во северниот дел на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за транспорт на Регионалната курдска управа во северен Ирак, Мевљуд Бавемурад, денес изјави дека барањето на Владата на Ирак да ја преземе контролата над меѓународните аеродроми во Ербил и во Сулејманија е неприкладно, бидејќи тоа е регион под контрола на Регионалната курдска управа.
Истакнувајќи дека го одбиваат барањето на Владата на Ирак, Бавемурад изјави дека аеродромите ќе ја продолжат работата под контрола на регионалните власти во Ербил.
„Затворањето на аеродромите негативно би се одразило на многу граѓани, болни, студенти, луѓе од дијаспората и претставници на дипломатските мисии и ОН. Се надеваме дека нема да дојде до тоа“, предупреди Бавемурад.
Тој, исто така, изјави дека Владата од Багдад сака да ги казни граѓаните кои одржале нелегитимен референдум за независноста, и предупреди оти таквите потези никому не му носат добро, како и дека контролата врз аеродромите не смее да се третира како политичко прашање.
И директорот на Меѓународниот аеродром во Ербил, Телар Фајек порача дека барањето на официјален Багдад е погрешно и незаконско.
„Сметаме дека нема да дојде до примена на таа одлука, а и да дојде, тоа не може да трае долго. Тука не станува збор за аеродром што превезува само патници, туку за аеродром кој ОН го користи за испраќање хуманитарна помош во Сирија“, изјави Фајек.