Dejan Maksimovic
14 Јуни 2023•Ажурирај: 14 Јуни 2023
МАДРИД (АА) - Англискиот репрезентативец Џуд Белингам е новиот фудбалер на Реал Мадрид. Денес оваа информација и официјално ја потврдија од „кралскиот клуб“, пренесува Анадолу.
„Тој е еден од најголемите таленти во светскиот фудбал, играч за врска што доаѓа во нашиот клуб од Борусија Дортмунд. Пристигнува во Мадрид откако е прогласен за најдобар играч во Бундес лигата за сезоната 2022/23. Ова 19-годишно момче е постојан стартер во репрезентацијата на Англија“, објави Реал Мадрид на својата интернет-страница.
Според медиумските наводи, Реал Мадрид на Борусија Дортмунд ѝ платил обесштетување од 103 милиони евра, а во случај на исполнување на одредени бонуси, тој износ може да се зголеми дури до 134 милиони евра. Белингам со Реал Мадрид потпиша 6-годишен договор.
Белингам му се придружи на тимот на Карло Анчелоти по три сезони минати во Германија. Во дресот на Борусија Дортмунд одигра 132 натпревари, постигнувајќи 24 погодоци. Претходно Белингам настапуваше за Бирмингем Сити. Иако има само 19 години, Белингам досега има одиграно 24 настапи во дресот на англиската репрезентација, постигнувајќи 1 погодок.