Рами Махлуф, олигарх од соборениот режим на Асад, го критикуваше барањето за „федерација“ на свештеникот Газал
- „За жал, некои луѓе нè влечат кон многу опасен пат, од пат без враќање. Нè вовлекуваат во работи во кои Алавитите во никој случај не треба да бидат вклучени“, рече Рами Махлуф, олигарх од соборениот сириски режим
ДАМАСК (АА) - Рами Махлуф, олигарх од соборениот сириски режим и близок до семејството Асад, упати реакција на организирањето антивладини демонстрации во крајбрежниот регион од страна на свештеникот Газал Газал и неговото барање за федерација, известува Анадолу.
Махлуф, чија местоположба е непозната, се огласи на својот профил на социјалните мрежи во врска со протестите против Владата во Дамаск што се одржаа на 28 декември во крајбрежниот регион што ги опфаќа покраините Латакија и Тартус, како и во некои други покраини.
„За жал, некои луѓе нè влечат кон многу опасен пат, од пат без враќање. Нè вовлекуваат во работи во кои Алавитите во никој случај не треба да бидат вклучени“, рече Махлуф, повикувајќи ја јавноста да биде смирена и да остане дома.
Целејќи го религиозниот водач Газал Газал, кој ги повика луѓето да излезат на улица, Махлуф во објавата наведе:
„Каков беше резултатот? Некои луѓе излегоа. На пример, шеикот Газал излезе со голи гради. Во ред, што значи тоа, дали треба сите да исчезнеме денес? За што? За федерализам?“
Махлуф, братучед на Башар ал-Асад, во пораката додаде:
„Денес зборуваме за федерализам, но многу јасно се гледа дека доколку нема сила што ќе нè штити, федерализмот нема никаква вредност“.
Газал Газал, шефот на Врховниот исламски совет на Алавитите во Сирија и во странство, познат по своите блиски врски со соборениот режим, ги повика своите поддржувачи да одржат демонстрации на 28 декември со барање политичка федерација и меѓународна заштита, како и да протестираат против Владата во Дамаск.
На овие антивладини демонстрации, кои на моменти станаа насилни, некои вооружени лица упатуваа провокации, при што во инцидентите во кои беа вклучени групи со спротивни гледишта, загинаа 4 лица, а 108 беа повредени.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
