Ceyhun Alizade
20 Септември 2022•Ажурирај: 21 Септември 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека врв на цинизмот претставува тоа што Европската Унија (ЕУ) одбива да одговори на предлогот на Русија за бесплатно пренесување на 300.000 тони ѓубриво од европските пристаништа во земјите во развој, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Јасно е дека не сакаат да им дозволат на нашите компании да заработат, но ние да го дадеме тоа бесплатно, барем тоа да го дадеме бесплатно на земјите во неволја. Не, и на тоа нема одговор“, рече Путин на московската церемонија за предавање на акредитивните писма на амбасадорите од 24 земји.
Рускиот лидер нагласи дека санкциите воведени од западните земји имаат негативен ефект врз нив и врз најсиромашните земји.
Тој додаде дека токму земјите во развој и најсиромашните земји се најтешко погодени од западните ограничувања за испорака на руска енергија, храна и ѓубрива на светските пазари.
Во контекст на неодамнешните тензии меѓу Ерменија и Азербејџан, Путин рече дека секој конфликт меѓу земјите блиски до Русија предизвикува сериозна загриженост.
„Ги повикуваме сите да покажат воздржаност, строго да се придржуваат до прекинот на огнот и цврсто да ги следат трипартитните насоки договорени од лидерите на Русија, Азербејџан и Ерменија“, додаде Путин.
Путин истакна дека преку Организацијата на Договорот за колективна безбедност се преземаат мерки за намалување на тензиите меѓу Ерменија и Азербејџан.