Ali Cura
06 Мај 2024•Ажурирај: 07 Мај 2024
МОСКВА (АА) - Владимир Путин ќе положи заклетва како претседател на Русија за петтиот мандат на инаугурација што ќе се одржи утре во главниот град Москва, јавува Анадолу.
Церемонијата, планирана да се одржи во Кремљ, официјално ќе го означи почетокот на уште еден шестгодишен мандат на Путин, кој освои 87,28 отсто од гласовите на претседателските избори одржани во март.
По церемонијата на инаугурација, актуелната руска Влада ќе поднесе оставка, а новата Влада ќе стапи на функција со одобрение од рускиот Парламентот, според уставниот амандман од 2020 година.
Во таа насока, Путин ќе го претстави својот кандидат за премиер пред руската Државна дума, долниот дом на Парламентот.
Парламентот има моќ да го прифати или отфрли кандидатот, а Путин ќе може директно да го назначи премиерот без да има потреба за одобрение од Парламентот доколку пратениците трипати го одбијат кандидатот.
Во таков случај, Путин ќе има право и да го распушти Парламентот и да одржи нови парламентарни избори.
Според руските медиуми, актуелниот премиер Михаил Мишустин најверојатно ќе биде повторно назначен за премиер бидејќи нашироко е сметан за успешен шеф на Владата поради растечката економија на земјата и покрај тековната руско-украинска војна и економските санкции од Западот.
Путин директно ќе ги назначи министрите за надворешни работи, одбрана, правда, вонредни состојби и за внатрешни работи во консултација со Советот на Федерацијата, горниот дом на рускиот Парламент.
Се наведува дека актуелниот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и министерот за одбрана Сергеј Шојгу ќе ги задржат своите функции, додека промени не се очекуваат ниту во министерствата поврзани со економијата и финансиите.
Но, поради критиките на јавноста кон политиките во образованието, спортот и културата, можни се одредени промени во релевантните министерства, а постои и можност за формирање Министерство за млади.
Според руските закони, процесот на одобрување на новата Влада може да потрае најмногу до 20 мај, иако се очекува листата на кандидати за премиер и советот на министри да биде претставена пред Парламентот веднаш по церемонијата на инаугурација.