Diyar Güldoğan
31 Мај 2017•Ажурирај: 01 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Договорот за воспоставување „зони без судир“ во Сирија претставува особено важен чекор за постигнување мир, изјави рускиот претседател Владимир Путин, јавува Anadolu Agency (AA).
Путин зборуваше во интервју за францускиот весник „Le Figaro“ (Фигаро), кое доцна синоќа беше објавено онлајн.
„Во моментот постојат четири такви зони. Ние веруваме дека ова е особено важен чекор на патот кон мирот, ако можам да го фразирам на тој начин, бидејќи е невозможно да се зборува за политичко решение без да се запре крвопролевањето“, вели Путин, се наведува во денешното соопштение издадено од Кремљ.
Путин предупреди зоните без судир да не се претворат во модел што ќе биде закана за територијалниот интегритет на Сирија.
„Навистина се надевам (и она што ќе го кажам е многу важно) дека овие зони нема да станат прототип за идна територијална поделба во Сирија. Напротив, се надевам дека овие зони без судир, доколку се воспостави мир, и луѓето што ќе ги контролираат, дека ќе соработуваат со официјалните власти на Сирија“, вели тој.
Русија, Турција и Иран на 4. мај потпишаа договор во казахстанскиот град Астана за воспоставување на „зони без судир“ во Сирија.
Путин исто така го нагласи и конструктивниот пристап на Турција, Иран, Русија, сирискиот режим и сириската вооружена опозиција за да се постигне прекин на огнот во земјата зафатена од војна.
На прашањето дали тој може да ја види политичката иднина на Сирија без претседателот Башар ал-Асад, Путин рече: „Јас не мислам дека имам право да ја одредувам политичката иднина на Сирија, било да е тоа со или без Ал Асад“.
„Сиријците ќе одлучат. Никој нема право да ги бара правата што припаѓаат на народот на друга земја“.
За време на шестгодишниот конфликт, режимот на Ал Асад беше често обвинуван од страна на голем број меѓународни актери дека ги напаѓа сириските цивили со хемиско оружје.
Путин тврдеше дека режимот на Асад не користел хемиско оружје. „Цврсто веруваме дека ова е провокација“, рече тој.