Ali Cura
01 Јуни 2020•Ажурирај: 02 Јуни 2020
МОСКВА
Рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека референдумот за уставните промени во таа земја ќе биде одржан на 1 јули, а станува збор за референдум со кој постои намера да се промени политичкиот систем во Руската Федерација и да се овозможи Путин да биде повторно кандидат на престојните претседателски избори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Референдумот првобитно беше најавен за 22 април, но е одложен поради пандемијата на Ковид-19. Путин денес одржа состанок со челниците на Изборната комисија и високите руски официјални претставници, а во таа прилика изјави дека преземените мерки биле ефикасни и дека животот се враќа во нормален тек по пандемијата.
„Референдумот за уставни реформи ќе биде одржан на 1 јули“, изјави Путин и додаде дека е задоволена и законската одредба која налага терминот на одржување на референдумот да се објави најмалку 30 дена претходно.
Путин исто така на надлежните служби им нареди да преземат потребни превентивни мерки, за во текот на референдумот да на биде загрозено здравјето на гласачите.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков изјави дека 1 јули ќе биде неработен ден во Русија.
Промената на политичкиот систем во Русија, Путин ја најави во обраќањето на парламентот и нацијата во јануари, а во меѓувреме нацрт реформите ги одобрија двата дома на рускиот парламент и надлежните органи на федералните единици.
Меѓу најзначајните одредби на нацрт реформите е овозможување на повторното кандидирање на Путин на претседателските избори во 2024 година и на изборите шест години подоцна.
Путин од 2000 година во два мандати беше претседател на Руската Федерација. До 2008, кога поради уставните одредби за максимални два кандидати таа функција ја замени со премиерска. На чело на Русија се врати во 2012 година и вториот последователен мандат му истекува во 2024 година.
Со уставната реформа Путин би добил можност за уште два шестгодишни мандати во Кремљ.