Elena Teslova
11 Март 2022•Ажурирај: 13 Март 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин денеска нареди да им се помогне на борците од Блискиот Исток, „кои сакаат да ги поддржат“ бунтовничките региони на Донбас, да дојдат во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи на состанокот на рускиот Совет за безбедност во Москва, Путин својата одлука ја објасни со присуство на западни платеници во воената зона во Украина.
„Што се однесува до собирањето платеници од целиот свет и нивното испраќање во Украина, гледаме дека тие тоа не го кријат, западните спонзори на Украина, украинскиот режим, не кријат дека најмуваат платеници, тие тоа отворено го прават“, рече Путин.
Министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, соопшти дека „бунтовничките републики“ примиле околу 16.000 барања од странци подготвени да се борат на нивна страна.
Руската војна против Украина, која започна на 24 февруари, наиде на осуда од меѓународната заедница, при што ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу другите, воведоа финансиски санкции кон Москва.
Луѓето низ светот на различни начини изразуваат солидарност со Украина, испраќаат лекови, храна, облека, собираат средства, а многумина изразија желба да се приклучат на украинската војска во борбата против Русија.
Во меѓувреме, украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, рече дека Киев примил повеќе од 20.000 барања од странци кои сакаат да учествуваат во судирот на украинската страна.
Според податоците на ОН, загинаа 549 цивили, 957 се ранети во Украина од почетокот на војната, но се стравува дека вистинскиот број е поголем.
Повеќе од 2,3 милиони луѓе ја напуштиле Украина и пребегале во соседните земји, покажуваат неодамнешните податоци на Агенцијата за бегалци на ОН.