Betül Yürük
11 Март 2022•Ажурирај: 14 Март 2022
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, повика на политичко решение за ставање крај на граѓанската војна во Сирија, која започна пред единаесет години на денешен ден, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во пораката по повод 11-годишнината од војната во Сирија, Гутереш истакна дека поминала уште една година војна, која оставила потресни траги и ја уништила таа земја.
Укажувајќи на кршењето на човековите права на кои сирискиот народ е систематски изложен, Гутереш рече дека тоа е толку длабоко и големо уништување што е ретко видено во модерната историја на човештвото.
„Економската криза продлабочена со војната ги подигна хуманитарните потреби на повисоко ниво од кога и да е од почетокот на кризата во Сирија. Милиони раселени луѓе и бегалци во таа земја се борат да преживеат во најтешки услови“, рече Гутереш.
Тој повика на изнаоѓање политичко решение за ставање крај на војната во Сирија.
Рече дека политичкото решение е пат кој треба да ги задоволи потребите на Сиријците, да создаде услови за безбедно, достоинствено и доброволно враќање на бегалците и да ја одреди рамката за борба против тероризмот.
„Не можеме да го изневериме сирискиот народ. Војната мора да заврши, мора да се почитува меѓународното хуманитарно право. Ги повикувам сите страни да се вратат во политичкиот процес со олеснување на ОН“, рече Гутереш.