Elena Teslova
17 Јуни 2021•Ажурирај: 17 Јуни 2021
МОСКВА/ЖЕНЕВА
Рускиот претседател Владимир Путин рече дека неговиот состанок со американскиот колега Џо Бајден бил „конструктивен" и „содржински", јавува Агенција Анадолија (АА).
По состанкот во Женева, Путин рече дека со Бајден разговарал за прашањата во врска со стратешката стабилност, глобалната безбедност, регионалните судири, трговијата и соработката на Арктикот.
Рече дека разговорите биле добри и немале „непријателска природа".
Путин потврди дека со американскиот претседател Бајден договорил враќање на претходно отповканите амбасадори на Русија и САД на должност.
Покрај тоа, Министерството за надворешни работи на Русија и американскиот Стејт Департмент треба да започнат консултации за цела низа дипломатски проблеми помеѓу две земји.
„Ми се чини дека двете страни се одлучни во потрага за решенија", рече Путин.
Рускиот претседател нагласи дека Москва и Вашингтон сносат „посебна одговорност" за глобалната стабилност како две најголеми нуклеарни сили.
Челникот на Русија истакна дека Москва и Вашингтон ќе почнат разговори за можни промени на неодамна продолжениот договор за контрола на вооружување Нов СТАРТ.
„Уште едно подрачје во кое Русија и САД договорија дека ќе одржат додатни консултации е кибер безбедноста", рече Путин.
Напоменувајќи дека не се согласиле за многу теми, Путин рече дека и покрај тоа „постоела желба од двете страни да се разберат и побараат решенија".
За украинскиот судир се разговарало „кратко", при што американскиот претседател потврдил дека решенијата се во рамките на Договорот од Минск.
„Прашањето за можноста на пристапувањето на Украина кон НАТО во текот на денешниот самит едвај е споменато", рече Путин наведувајќи дека „тука нема за што да се разговара".
Рускиот претседател исто така го бранеше распоредувањето на трупите во близина на украинските граници, изјавувајќи дека тие биле на руско тло и дека Москва има право да одржува воени вежби било каде на својата територија.
Запрашан за рускиот опозиционер Алексеј Навални, Путин рече дека Бајден го покренал тоа прашање во текот на нивниот состанок, заедно со прашањето на човековите права во Русија.
Не именувајќи го директно Навални, Путин рече дека со право е затворен поради свесното кршење на условната слобода.
Исто така рече дека САД не се во можност да послужат како пример на почитување на човековите права, наведувајќи постоење на американскиот логор во заливот Гватанамо во Куба, како и третманот на луѓето кои се противат на изборот на Бајден, потсетувајќи на настаните во американскиот Капитол минатиот јануари.
Путин наговести дека во преговорите немаше напредок , но останува надеж за подобрување на врските помеѓу двете земји.