Zeynep Hilal Karyağdı
29 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
РАМАЛА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин испрати порака до палестинскиот претседател Махмуд Абас во којашто вели дека Руската Федерација и понатаму го поддржува правото на палестинскиот народ сам да одлучува за својата судбина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Палестинската новинска агенција „WAFA“ јавува дека Путин испратил пишана порака до Абас, по повод 29. Ноември, Меѓународниот ден на солидарноста со палестинскиот народ, кој се одбележува денес.
„Како постојана членка на Советот на безбедност на ОН и членка на Блискоисточната четворка, Русија има приоритетен став во поддршката на палестинскиот народ“, наведе Путин во порака.
Истакнувајќи дека е неопходно да се пронајде праведно решение за Блискиот Исток, со кое ќе се стави крај на судирите и ќе има меѓународен легитимитет во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на ОН и арапската мировна иницијатива, Путин изјави дека е неопходно Израел да ја заврши окупацијата на арапската земја, започната во 1967 година и оти е потребно да се формира палестинска држава, со Источен Ерусалим како нејзин главен град.
Нагласувајќи ја поддршката и за внатрешно палестинско помирување, рускиот претседател Путин изрази подготвеност Русија да помогне во решавањето на социјалните проблеми и да ги зајакне економските врски со Палестина.
Меѓународниот ден на солидарноста со палестинскиот народ, од 1978 година навака се одбележува на 29. ноември, во знак на сеќавање на датумот кога Генералното собрание на ОН во 1977 година ја усвои одлуката за поддршка на палестинскиот народ.