Elena Teslova
22 Декември 2021•Ажурирај: 22 Декември 2021
МОСКВА
Рускиот претседател Владимир Путин вчера со лидерите на Франција и Германија дискутираше за предлогот за безбедносните гаранции, јавува Агенција Анадолија (АА).
Путин и францускиот претседател Емануел Макрон разговараа за „начините за зајакнување на стабилноста и безбедноста во Европа, со фокус на нацртите на руско-американскиот договор за безбедносни гаранции и договорот за мерките за обезбедување на безбедноста на Русија и земјите членки на НАТО, кои беа испратени до адресатите, вклучително и Франција, а потоа објавени“, се вели во соопштението на Кремљ.
Телефонскиот разговор вклучуваше и дискусии за ситуацијата во Украина и „неодамнешните компликации“ предизвикани од „неподготвеноста на Киев да ги почитува Договорите од Минск“.
Путин нагласи дека „одржувањето нов самит во нормадски формат“ е можно доколку Киев преземе „практични чекори“ за спроведување на Договорите од Минск.
Во врска со прашањето за Нагорно-Карабах, лидерите „изразија задоволство од тоа што ситуацијата е стабилизирана и од напорите да се врати мирниот живот, како и да се обноват економските и транспортните врски во регионот“, се вели во соопштението.
„Забележано е дека Русија и Франција ги координираат активностите за овие прашања и имаат намера да продолжат да го прават тоа“, се додава.
На иницијатива на Макрон, двајцата претседатели зборуваа и за ситуацијата во Мали.
„Путин, исто така, ги спомна ограничувањата на информативниот канал „Раша тудеј“ во Франција, велејќи дека се надева дека на нивниот канал ќе му бидат дадени истите можности да работи без дискриминација како што ги уживаат француските медиуми во Русија“, соопшти Кремљ.
- Телефонски разговор со Шолц
Во одвоен телефонски разговор, Путин му честиташе на новиот германски канцелар Олаф Шолц за почетокот на неговиот мандат.
„Двете страни изразија интерес за понатамошен развој на билатералните врски и контакти преку различни канали“, се вели во соопштението на Кремљ.
Путин зборуваше за руските предлози за „долгорочни правно обврзувачки безбедносни гаранции кои исклучуваат какво било понатамошно проширување на НАТО кон исток и распоредување на офанзивни системи за оружје во земјите блиски до Русија“, се додава.
„Во овој контекст беа дадени детални коментари за содржината на нацртот на руско-американскиот договор за безбедносни гаранции и нацрт-договорот за мерките за обезбедување безбедност на Русија и земјите членки на НАТО, кои беа испратени до западните партнери на Русија, вклучително и Германија.
Путин рече дека се надева оти „ќе се организираат сериозни разговори за сите прашања што ги покрена Русија“.
Во врска со „домашниот конфликт во Украина“, Путин повтори дека Киев „одбива да ги почитува своите обврски според Договорите од Минск од 2015 година, што го попречува потенцијалното одржување на нов самит во нормадскиот формат“, соопшти Кремљ.
Двајцата лидери „се договорија да продолжат да разменуваат мислења за дискутираните теми и за други меѓународни и билатерални прашања за време на идните контакти“, се заклучува во соопштението.