Sinan Doğan
23 Ноември 2019•Ажурирај: 24 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - На протестите во Колумбија, што избувнаа вчера откако илјадници луѓе од различни сектори излегоа на штрајк, досега животот го изгубија три лица, а 122 се повредени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на штрајкот, граѓаните излегоа и на улиците на другите градови, вклучувајќи го и главниот град Богота. Илјадници луѓе протестираат против власта на претседателот Иван Дуке на повик од синдикатите, студентските организации, разни заедници и стотина невладини организации.
Карлос Холмес Трухиљо, министерот за надворешни работи на Колумбија, на прес-конференција соопшти дека три лица загинале, а 122 се повредени за време на протестите. Две лица загинале во градот Буенавентура и едно во Канделарија, во текот на општиот метеж што се случил на протестите.
Трухиљо рече дека на протестите вчера и денес уапсени се 98 лица, а полицијата зела изјави од вкупно 207 лица. Тој, исто така, истакна ќе бидат започнати 11 одделни истраги против полицајци поради прекумерна употреба на сила за време на масовните протести.
Според наводите на локалните власти, во текот на протестите повредени се 37 полицајци.
Демонстрантите во Богота протестираа до плоштадот „Боливар“, во центарот на градот. Со контејнери за ѓубре ги затворија главните улици што доведе до нарушување во нормалното одвивање на сообраќајот. Демонстрантите фрлаа камења и Молотови коктели, а специјалните сили интервенираа со солзавец. Поради протестите во Богота не сообраќаа над 30 автобуси.
Маурис Армитаж, градоначалникот на градот Кали, изјави дека на улиците има околу 20.000 луѓе каде што владеат судири и насилство, при што повредени се и седум полицајци.