Qays Abu Samra,Hamdi Yıldız
02 Февруари 2018•Ажурирај: 03 Февруари 2018
РАМАЛА (AA) - Во знак на протест поради одлуката за признавање на Ерусалим (Кудс) за главен град на Израел на американскиот претседател Доналд Трамп, во Западен Брег и овој петок се одржани протести на кои интервенираа израелските војници, јавува Anadolu Agency (AA).
Група Палестинци клањаше џума намаз, што претставува молитва на муслиманите во петок, на подрачјето Џибје, во близина на Рамала, кога со солзавец и куршуми интервенираа израелските војници. Палестинците возвратија со камења.
Помеѓу Палестинците и израелските безбедносни сили дојде до напнатост и во други подрачја на Западниот Брег, во кои поради одлуката на американскиот претседател се организираа протести.
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп, на 6 декември 2017 година, донесе одлука за признавање на Ерусалим (Кудс), за главен град на Израел и нареди преместување на Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим.
Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, во текот на посетата на Израел во јануари изјави дека американската Амбасада до крајот на 2019 година ќе биде преместена од Тел Авив во Ерусалим (Кудс).