Ahmet Dursun
08 Јануари 2020•Ажурирај: 09 Јануари 2020
АНКАРА
Пронајдена е црната кутија на патничкиот авион на „Украина ерлајнс“ од типот „Боинг 737“, кој се урна во Техеран, главниот град на Иран, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на иранската полуофицијална новинска агенција „Мехр“, претседателот на Иранското цивилно воздухопловство, Али Абидзаде, истакна дека причината за падот на авионот сѐ уште не е јасна.
„Причината за несреќата ќе биде откриена откако ќе се анализира црната кутија“, рече Абидзаде.
Истакнувајќи дека црната кутија ќе биде испитувана во Иран од страна на Комитетот за управување со несреќи формиран од Иранското цивилно воздухопловство, Абидзаде рече: „Исто така, и Украинците ќе можат да учествуваат на состаноците на Комитетот.“
Од друга страна, Хасан Ризаи Ферд, еден од одговорните лица на Иранското цивилно воздухопловство, рече дека се пронајдени и двете црни кутии на авионот.
Тој наведе дека и двете црни кутии се оштетени, но дека нивната меморија е во добра состојба.
Утрово во Техеран се урна украински патнички авион од типот „Боинг 737“, кој од аеродромот „Имам Хомеини“ полета кон Киев. Во оваа авионска несреќа нема преживеани меѓу 176-те лица, колку што имаше во авионот.