Dildar Baykan
13 Февруари 2017•Ажурирај: 13 Февруари 2017
АНКАРА (АА) – Пронајдени се украдениот сертификат за Нобелова награда за мир и позлатениот медал, кои беа украдени од бранителот на детските права во Индија, Каилаш Сатјарти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на „Би-би-си“, полициските службеници ги пронашле сертификатот за Нобелова награда, медалот и другиот накит што минатата недела беа украдени од домот на Сатјарти во Њу Делхи.
Се пренесува дека во рамките на истрагата се приведени 3 лица.
Сатјарти во изјава за весникот „Индија тудеј“ вели: „Вербата во владата, полицијата и во народот на оваа прекрасна држава секогаш ми е целосна. Ѝ благодарам на полицијата од Делхи, затоа што реагираше паметно и дејствуваше брзо во наоѓањето на украдените работи“.
Бранителот на детските права, 63-годишниот Сатјарти, во 2014 година ја делеше Нобеловата награда за мир со бранителот на човекови права, Пакистанката Малала Јусуфзај.
Движењето Бачпан Бачао Андолан – „Да го спасиме детството“, основано од страна на Сатјарти, која се бори против злоупотребата на детскиот труд во државата, од деведесеттите години наваму обезбеди ослободување, лекување и едукација за повеќе од 80.000 деца кои биле користени како робови.
Сатјарти зема активна улога во Центарот за меѓународен детски труд и образование, кој е формиран од страна на невладини организации, наставници и синдикати од целиот свет. Тој исто така, работи на кампањи за зголемување на свеста на потрошувачите на производите кои се резултат на детскиот труд во Јужна Азија, каде што децата работат како робови.
Тој поради својата активност е познат насекаде во светот, а во 1984 година, во Германија му беше доделена меѓународна награда за мир „Ахен“, додека пак во 1995 година ја доби наградата за човекови права „Роберт Ф. Кенеди“ од САД. Во 2007 година, италијанскиот Сенат го награди Сатјарти со медал, а во 2009 година во САД му беше доделена наградата „Бранители на демократијата“.