Eşref Musa,Burak Karacaoğlu
25 Јули 2019•Ажурирај: 26 Јули 2019
ИДЛИБ (АА) - Во нападите на Војската од режимот на сирискиот претседател, Башар ал Асад, и руските сили, што ги извршуваат од утринските часови врз населбите во зоната на деескалација на судирите во Идлиб, загинаа седум цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Опозицискиот опсерваториум за воздушен простор соопшти дека силите лојални на режимот на Асад од утринава извршуваат напади на подрачјата во зоната на деескалација на судирите во Идлиб.
Припадниците на Цивилната заштита (Бели шлемови) тврдат дека во режимските напади на Марет ал Нуман загинале двајца цивили, во Кеферум тројца и двајца на подрачјето на Ел Етариб, во југозападниот дел на Алепо.
Нападите и понатаму траат, па постои загриженост дека бројот на мртви би можел да биде зголемен.
Во воздушните напади, кои режимските сили и Русија пред три дена ги извршија на Серакиб и Марет ал Нуман, загинаа 50 цивили.
Во Идлиб, како тврдина на сириската опозиција, живеат околу четири милиони жители и интерно раселени кои се цел на постојаните режимски напади.
Со посредство на Турција и Русија во Сочи, на 17 септември 2018 година, е постигнат договор за примирје во Идлиб и воспоставување деескалациска зона за цивилите.
Од септември минатата година и прогласувањето на примирјето, во тој регион се раселени повеќе од половина милион лица.
Припадниците на Сириската мрежа за човекови права претходно соопштија дека во нападите врз деескалациската зона на судирите во Идлиб, што режимските сили и сојузниците ги извршиле од 26 април до 12 јули, загинале 606 цивили, од кои 157 малолетници и 111 жени.