Şenhan Bolelli
24 Јуни 2021•Ажурирај: 25 Јуни 2021
МАДРИД
Во својата затворска ќелија пронајден е мртов програмерот на антивирусниот софтвер, Џон Мекафи, кој беше фатен и затворен во Барселона на 3 октомври 2020 година, под обвинение за затајување данок и за кого шпанскиот суд донесе одлука за негова екстрадиција на САД, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави шпанската официјална новинска агенција ЕФЕ, заснована на информации добиени од управата на затворот „Брајанс 2“ во Барселона, 75-годишниот Џон Мекафи е пронајден мртов во неговата ќелија.
Во веста се наведува дека чуварите кои го нашле Мекафи и затворските лекари реагирале веднаш, но не успеале да го вратат во живот.
Иако сè уште не е официјално објавена причината за смртта на Мекафи, споделена е информацијата дека голема е веројатноста за самоубиство.
- Наводно заработил повеќе од 23 милиони долари
Џон Мекафи е однесен во затворот „Брајанс 2“ на 4 октомври 2020 година по издадена наредба од страна на Националниот суд во Шпанија. Претходно Мекафи бил приведен на Аеродромот „Ел Прат“ на 3 октомври, додека се подготвувал да замине од Барселона за Истанбул.
Се тврди дека 75-годишниот Мекафи, кој беше обвинет за затајување на данок од над 4 милиони долари во САД за периодот 2016 - 2018 година, заработил повеќе од 23 милиони долари давајќи погрешни препораки за продажба на криптовалути.
Мекафи тврдел дека „платил милиони долари данок, но бил жртва на политички притисок затоа што се жалел на корупција во даночната канцеларија“. Наводно, доколку Мекафи бил осуден за виновен по обвиненијата во САД, тогаш тој би се соочил со казна од максимум 6 години затвор.
Шпанскиот суд имал донесено одлука за екстрадиција на Мекафи во САД.