Ömer Koparan,Eşref Musa,Adham Kako
21 Јануари 2018•Ажурирај: 21 Јануари 2018
АЗАЗ/АНКАРА (АА) - Откако Вооружените сили на Република Турција денес започнаа со воздушни удари во склоп на операцијата „Маслинова гранка “ во Африн, одредени членови на терористичката организација ПЈД/ПКК, кои принудно се мобилизирани, пребегнаа во редовите на Ослободителната војска на Сирија (ФСА), јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа информација ја објави ФСА преку социјалната мрежа Твитер, каде е наведено дека одредени членови на ПЈД/ПКК се предале на припадниците на ФСА во местото Маре.
Како јавија новинарите на АА од Азаз, на снимките на кои се гледаат припадниците на ПЈД/ПКК како се предаваат на ФСА, можат да се забележат и малолетни лица.
Терористичката организација ПЈД/ПКК во последен период, додека Турција се подготвуваше за операција во Африн, започна со принудна регрутација во терористичките редови.
Терористите на позиции праќаа дури и деца, без разлика дали машки или женски.
Турската војска до сега во најмалку седум региони уништи 108 од 113 предвидени позиции на терористичките организации ПКК/КЏК/ПЈД-JПГ и ДЕАШ, уништени се засолништа и складишта на терористите. Сите убиени и ранети во болниците се членови на терористичката организација ПЈД/ПКК.
Од Генералштабот на Турција е порачано дека операцијата „Маслинова гранка“ во Африн е покрената во рамките на турските права засновани на меѓународното право и резолуциите на ОН, посебно оние кои се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од договорот на ОН, односно „правото на самоодбрана“. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.