Hamdi Yıldız
04 Декември 2017•Ажурирај: 05 Декември 2017
САНА (АА) - Претседателот на Јемен, Абд Рабо Мансур ел Хади ѝ нареди на јеменската војска да тргне кон главниот град Сана и да почне итна воена операција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јеменската новинска агенција „САБА“ јавува дека претседателот Хади телефонски разговарал со својот заменик, генералот Алија Мухсин Салих, и му наредил по итна постапка, од повеќе правци да ја насочи војската кон Сана.
Хади притоа нареди јеменската војска да се здружи со силите на поранешниот јеменски претседател Али Абдула Салех и заеднички, од повеќе фронта, да го нападнат бунтовничкото движење на Хусите.
Непосредно пред тој потег на Хади, премиерот на Јемен, Ахмед бин Дагр, ѝ се обрати на јавноста и порача дека поддршката на силите лојални на поранешниот претседател Салех во борбата против движењето на Хусите моментално е од национален интерес за Јемен.
Јемен е средиште на длабока политичка и безбедносна криза која кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна, кога бунтовниците предводени од шиитското движење на Хусите и од Конгресот, кој го водеше соборениот претседателот Салех, го зазедоа главниот јеменски град Сана, а потоа и другите региони.
Судирите во Јемен дополнително ескалираа во март минатата година, кога Саудиска Арабија со своите арапски сојузници почна да изведува воздушни напади врз позициите на бунтовниците.
Двата круга мировни преговори под покровителство на Обединетите нации не резултираа со решение на судирите во кои, според извештаите на ОН, загинале повеќе од 10.000 луѓе.
Припадниците на движењето на Хусите и силите на Салех во последните неколку дена водеа жестоки судири во Сана и во околината, што дополнително ја влоши кризата во таа земја.