Saadet Firdevs Aparı
11 Јули 2022•Ажурирај: 13 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Шри Ланка, Готабаја Раџапакса официјално го информираше премиерот Ранил Викремесинге дека ќе поднесе оставка од функцијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави „ANI News“, канцеларијата за односи со јавноста на Кабинетот на премиерот соопшти дека претседателот Раџапакса најавил дека ќе поднесе оставка од функцијата.
Претседателот на парламентот Махинда Јапа Абејвардена на 9-ти јули информираше дека Раџапакса прифатил да поднесе оставката на 13-ти јули.
Премиерот Ранил Викремесинге, исто така рече дека е подготвен да поднесе оставка.
Во Шри Ланка, која се наоѓа во најтешката економска криза во нејзината историја, демонстрантите влегоа во резиденцијата на премиерот на 9 јули и ја запалија зградата.
Демонстрантите ги пробија барикадите околу кампусот каде што се наоѓа официјалната резиденција и канцеларијата на претседателот Готабаја Раџапакса.
Се наведува дека Раџапакса е однесен на безбедно место откако демонстрантите влегле во кампусот.
- Ситуацијата во Шри Ланка
Населението во земјата која се соочува со најголемата економска криза во својата историја, на крајот на март ги засили своите протести по прекините на струјата од 13 часа дневно.
На 9 мај дојде до судир меѓу демонстрантите собрани околу зградата на Кабинетот на премиерот и поддржувачите на Владата. Во главниот град Коломбо воените единици беа повикани на должност.
По насилствата беше прогласен полициски час низ целата земја, а Владата нареди да се пука врз секој што ќе наштети на јавен имот за време на протестите.
Во протестите кои се проширија низ земјата животот го загубија 8 лица, меѓу кои и пратеник од владејачката партија и двајца полицајци, а 250 лица беа повредени.