Burak Bir
11 Јули 2022•Ажурирај: 12 Јули 2022
АНКАРА (АА) - САД планираат да изградат дипломатски комплекс на приватен имот конфискуван од Палестинците во окупираниот Источен Кудс, соопшти вчера организација за правата на арапското малцинство, известува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението, правниот центар за правата на арапското малцинство во Израел (Адалах) посочува дека пронајден е нов доказ според кој земјиштето на кое треба да се гради дипломатскиот комплекс како заеднички план на САД и Израел се наоѓа на приватен имот земен од Палестинците.
„Земјиштето на кое треба да се гради дипломатскиот комплекс на САД е регистрирано на името на државата Израел, но беше незаконски конфискувано од палестинските бегалци и внатрешно раселените Палестинци користејќи го Законот за сопственост на израелските отсутни лица од 1950 година (Israeli Absentees’ Property Law)“, се вели во соопштението.
Потсетувајќи на претстојната посета на американскиот претседател Џо Бајден на Израел, во соопштението се наведува дека потомците на првичните сопственици на имотот, вклучително и американските државјани и палестинските жители од источен Кудс, бараат 'итно откажување на планот'.
„Ако се изгради, комплексот на американската амбасада ќе биде лоциран на земјиштето кое е одземено од Палестинците со прекршување на меѓународното право“, се додава во соопштението.
Планирано е Бајден да пристигне во Израел на 13 јули како дел од турнејата во која ќе ги посети градот Рамала на Западниот Брег и Саудиска Арабија.